Македонија МНР: Во Грција во сообраќајна несреќа загина 29-годишна девојка, две се тешко...

МНР: Во Грција во сообраќајна несреќа загина 29-годишна девојка, две се тешко повредени

М.Н. (1995), државјанка на Република Северна Македонија го изгуби животот. А.К (2000) и М.Р (2000) добиле тешки повреди а И.Ј (1999) не е повредена

Фото: Rama, CC BY-SA 2.0 FR, Викимедија комонс

Министерството за надворешни работи објави детали за тешката сообраќајна несреќа во Грција која се случи вчера, а во која загина 29-годишна жена од Македонија. Во несреќата се повредени уште две жени кои биле во возилото, а четвртата поминала без повреди. Несреќата се случи на автопатот Егнатиа во правец кон Солун.

„На Автопатот Егнатиа, во Република Грција, се случила тешка сообраќајна несреќа, во која за жал, М.Н. (1995), државјанка на Република Северна Македонија го изгуби животот. Претставниците на Генералниот конзулат на Северна Македонија во Солун, кои од времето на настанатата трагедија беа во контакт со блиски на жртвата, остануваат на располагање за асистенција во врска со преносот на останките на починатата во земјата. Воедно, информираме дека засегнати се и три наши државјанки, сопатници на починатата, А.К (2000) и М.Р (2000), кои добиле тешки повреди и И.Ј (1999) која не е повредена, при што се соодветно хоспитализирани“, велат од МНР.

Оттаму додаваат дека Генералниот конзулат останува во постојана комуникација со надлежните институции и на располагање на повредените македонски државјанки и нивните семејства при евентуална потреба за помош, до нивното враќање дома.