Македонија МНР: Бугарија да ги почитува меѓународните процедури за поставување спомен-обележја

МНР: Бугарија да ги почитува меѓународните процедури за поставување спомен-обележја

Чествувањето на жртви од воените конфликти во нашиот регион е дел од културата на помирување и, пред сè, претставува хуман гест, соопштија од Министерството за надворешни работи на Република Македонија и додаваат дека плочата на Кајмакчалан е незаконски поставена.

„Очекуваме од нашите пријатели од Република Бугарија да ги почитуваат меѓународно прифатените процедури за поставување спомен-обележја. Воедно, очекуваме институциите да ги обесхрабрат сите актери што нелегално поставуваат обележја на територија на друга држава, а кои потоа можат да бидат цел на акти на насилство или да предизвикаат негативни чувства кај граѓаните“, стои во реакцијата од МНР.

Во соопштението се наведува дека е важно е да се напомене дека Република Македонија негува добри односи со сите свои соседи.

„Република Бугарија е наш сосед и пријателска држава, со која имаме суштинска соработка во многу области. Оттука, и понатаму ќе продолжиме да работиме во насока на наоѓање модалитети за поголема соработка и за надминување на разликите преку стандардизиран и реципрочен пристап во одбележувањето на настани и на личности. Ова е и многу поважно во услови кога истите може различно да бидат интерпретирани во различни земји од регионот. Во нашиот пристап треба да ги промовираме успешните модели на помирување и на чествување кои постојат во Европа, наспроти еднострани поставувања на одбележја или чествувања во соседна земја“, велат од МНР.

Од министерството истакнуваат дека конфликтите и жртвите од минатото на која било страна треба да бидат мотив повеќе за засилена идна соработка во регионот, како и за заеднички напори за целосна интеграција на регионот во ЕУ, која е најуспешниот мировен проект во Европа.