Дописници Млади со интелектуална попреченост со изложба на Денот на ослободувањето на Охрид

Млади со интелектуална попреченост со изложба на Денот на ослободувањето на Охрид

Вечерва, со почеток во 19 часот, во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид, ќе биде отворена изложба на дела на лица со интелектуална попреченост.

Станува збор за самостојна хуманитарна изложба на минијатури, организирана по повод 7. ноември, Денот на ослободувањето на Охрид.

Изложбата е на тема „Со слики ти пеам“, а ќе бидат изложени десетици слики кои се изработувани повеќе од една година, а исто така и рачно изработени предмети кои ги изработиле децата од здружението „Зраци“.

Делата се на младите уметници и ќе бидат достапни за јавноста до 13. ноември. Во основното училиште „Братство единство“ функционира посебна паралелка за деца со интелектуална попреченост.

– Децата чекаат наша поддршка, внимание, па и мала индивидуална помош, а тоа е причината што ја правиме оваа хуманитарна изложба. Промената почнува најнапред во самите себе, бидете хумани и бидете дел од нашата прва, се надевам, не и последна изложба, одвојте малку, но многу од своето време и разбудете ја хуманоста во себе затоа што заедно можеме да изнудиме повеќе насмевки на нивните лица, а тоа ни е и целта, бидејки хуманата работа не се мери во потрошеното време, напротив во изнудените насмевки – велат организаторите на изложбата, Трајан и Дарко Ристески.