Економија Митреска: Одредени ценовни притисоци се забележуваат и во македонската економија

Митреска: Одредени ценовни притисоци се забележуваат и во македонската економија

Ана Митреска, вицегувернерка | Фото: НБРСМ

 „Исто како и во еврозоната, и во земјите од регионот, одредени ценовни притисоци се забележуваат и во македонската економиј“, посочи Ана Митреска, вицегувернерка на НБРСМ, на панел- дискусија организирана од реномираната инвестициска банка „Вуд и компанија“.

„Засега, слично како и другите централни банки, овие глобални движења ги оценуваме како привремени, поттикнати од растот на цените на примарните производи и привремените нарушувања во синџирите на снабдување, предизвикани од пандемијата“ – вели Митреска додавајќи дека динамиката на цените и изворите на нивниот раст многу внимателно се следат.

Како што соопшти Народната банка на дискусијата било разговарано за состојбата во економијата и нејзиното закрепнување, потоа за инфлацијата, а акцент бил ставен на тоа каков ефект имаат анти ковид мерките.  

Митреска смета дека постојано поволните движења во депозитната база и на девизниот пазар посочуваат дека мерките преземени од страна на централната банка се успешни за смирување на пазарите и одржување на довербата.

Исто така, според неа, монетарните мерки беа клучни на почетокот на кризата за обезбедување ликвидност, во услови на неизвесни и непредвидливи меѓународни пазари на капитал, а олабавената монетарна политика го поддржа и кредитниот пазар, што беше видливо преку постојаното намалување на цената на кредитите и забрзувањето на кредитниот раст во текот на пандемијата.

 „Сите показатели за стабилноста на девизниот курс и банкарскиот систем и натаму се поволни. Со тоа, мерките преземени од централната банка ги оценуваме како избалансирани, со поддршка за економијата и истовремено одржување на стабилноста“, истакна Митреска.