Економија Министерството за финансии го отплати заемот од „Дојче банк“

Министерството за финансии го отплати заемот од „Дојче банк“

Министерството за финансии соопшти дека денеска во целост го отплатило заемот од „Дојче банк“ од 2012 година, во висина од 77,3 милиони евра. Со оваа исплата, јавниот долг ќе се намали за 0,7 процентни поени од домашниот бруто-производ, се вели во соопштението.

„Заемот беше со каматна стапка од 6,4 проценти и беше наменет за финансирање на буџетскиот дефицит и за рефинансирање на обврските што достасуваат врз основа на редовна отплата на државниот долг. За таа цел, од буџетот на Република Македонија исплатени се 75 милиони евра наменети за отплата на главнина и 2,3 милиони евра за отплата на камата“, нагласува министерството, појаснувајќи дека вратените пари се речиси трипати повеќе од вчерашното задолжување на Министерството за финансии преку домашната обврзница, кое е со просечна стапка од 2,25 отсто.