Македонија Министерот Спасовски им го честиташе 7 Мај на припадниците на полицијата

Министерот Спасовски им го честиташе 7 Мај на припадниците на полицијата

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, денеска на припадниците на безбедносните сили им го честиташе 7 Мај – Денот на македонската полиција, изразувајќи благодарност за нивната „посветеност и пожртвуваност“ во секојдневната работа.

„Како министер за внатрешни работи, ми претставува особена чест и задоволство на сите припадници на Министерството за внатрешни работи да им го честитам 7 Мај -Денот на полицијата и да им заблагодарам за посветеноста и за пожртвуваноста што ја манифестираат во своето секојдневно ангажирање, изразувајќи ја својата човечност и хуманост во справување со кризните состојби. Вашата заложба и професионалноста што ја покажувате е пример како полицијата треба да биде гарант за безбедноста на сите граѓани на Република Македонија. Од вас се очекува да бидете на висина на задачата, истрајни и професионални и да постапувате во согласност со Уставот и со законите. Свесни дека во овој момент да бидеш припадник на македонската полиција е тешка и макотрпна задача, вие останавте на браникот на татковината и покажавте како се чува и се сака Република Македонија. Затоа, јас верувам во вашиот капацитет дека и во иднина ќе истраете во справувањето со безбедносните предизвици, борејќи се за добробитта и за напредокот на македонското општество и на граѓаните на Република Македонија. На сите припадници на Министерството за внатрешни работи им честитам за професионализмот во извршување на одговорните задачи и за лојалноста кон Република Македонија. Честит 7 Мај, Денот на полицијата на Република Македонија“, стои во честитката на министерот Спасовски до припадниците на полицијата.