Македонија Милошоски: Средната класа не е непостоечка за Заев одново да ја создава

Милошоски: Средната класа не е непостоечка за Заев одново да ја создава

Како и неговиот славен претходник, кој ветуваше по еден вработен од секое семејство, така и Зоран Заев чекори по истите политички стапки, ветувајќи сè и сешто, и она што е остварливо, уште повеќе неоствраливо, и тоа што е реално и нереално, само и само да се дојде до власта и да се изманипулира еден гласач за глас повеќе, вели пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски.

– Денешната најава на СДСМ е нешто што ВМРО-ДПМНЕ го прави веќе десетина години, пред и на секој изборен циклус. Десет години подготвуваме програми и тоа го правиме со граѓаните, ги сослушуваме нивните потреби, ги вклучуваме во проекти, даваме рокови и работиме на нивно остварување. Но, има една клучна разлика, затоа што ние ги слушаме граѓаните и она што го презентираме како програма, секогаш го исполнуваме. СДСМ е добар за претставување програми и лажни ветувања, но недостатокот на СДСМ е што тешко исполнува и остварува – изјави Милошоски.

Милошоски смета дека Зоран Заев ја гледа в очи јавноста и ја манипулира за враќањето на средната класа.

– Средната класа не е непостоечка за Заев одново да ја создава. Средната класа постои и знае дека оваа влада постојано се труди да ѝ го олесни и да ѝ го подобри животот. Средната класа која не вози скапи возила и јахти, средната класа која не летува во сопствени хациенди и во монденски одморалишта, знае колку чини секој денар, како се заработува и дали добиле еден денар или повеќе помош од некоја влада, особено од сегашната – додаде Милошоски.

Според Милошоски, клучната разлика помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ е тоа што ВМРО она што го ветува, го одработува и го остварува, а она што го ветува СДСМ е само покритие за претходните неостварени ветувања.