Македонија Милошоски предупредува дека реваншизмот ќе роди нов реваншизам

Милошоски предупредува дека реваншизмот ќе роди нов реваншизам

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, на вечерашниот протест пред Министерството за правда, со кој се бараше ослободување на 36. лица што беа вчера притворени и изведени пред истражен судија поради учество или потпомагање на насилството во Собранието на 27 април годинава, порача дека тоа е политичка пресметка на власта со опозицијата и акција на реваншизам која ќе роди нов реваншизам.

– Реваншизмот ќе роди нов реваншизам. Апел до правосудните органи: Не правете неправди и не делете го народот зашто тоа ќе роди неправда и реваншизам. Овие апсења на пратеници и на недолжни граѓани имаат цел Владата да создаде димна завеса за да се покрие обврската за спроведување туѓи проекти – рече Милошоски пред масата од околу 200 луѓе, која ја блокираше улицата Димитрија Чуповски.

Со повици „Македонија“ и „Слобода“, собраните демонстранти го поздравуваа неговиот говор, во кој Милошоски, исто така, обвини дека со ваквите акции Владата на Заев сака да ја прикрие својата неспособност.

– Марионетската влада на Заев, неможејќи да ги исполни дадените ветувања на граѓаните за подобар живот, сега се бори против патриотите поради дадените ветувања на надворешни сили – рече Милошоски.

По него зборуваше и пратеникот Трајчо Димков, кој рече дека приведувањата „на невини луѓе и на патриоти“ нема да ја расколебаат ВМРО-ДПМНЕ.

На крајот се обрати и Влатко Ѓорчев, кој ги повика граѓаните на нов протест утре, во 18 часот, пред Основен суд Скопје 1.

– Утре се носат одлуките по повод жалбите. Сакаме луѓето да се вратат дома кај своите семејства. Утре во 18 часот, секој ден, сè побројни – изјави Ѓорчев.

На протестот, кој потраја 45 минути, беа и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, и поранешниот министер за земјоделство, Љупчо Димовски.