Македонија Миле Јанакиески и Кирил Божиновски од утрово во притвор

Миле Јанакиески и Кирил Божиновски од утрово во притвор

СЈО поради сомневање за бегство, побара притвор за поранешните функционери од ВМРО-ДПМНЕ и обвинети во случајот „Титаник“, Миле Јанакиески и Кирил Божиновски. Кривичен суд го прифатил предлогот на СЈО и одреди 30 дневен притвор на двете лица.

„Кривичниот совет на одделението за организиран криминал и корупција при Основниот суд Скопје 1 – Скопје, постапувајќи по предлог на Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите, за определување мерки за обезбедување присуство против М.Ј. и К.Б. опфатени во предметот со КОК бр. 7/18 од обвинителството означен како „Титаник“, по ценење на фактите и доказите во предлогот донесе решенија со кои го прифати предлогот и на двете лица им определи мерка притвор во траење од 30 дена заради постоење на основите од член 165 ст.1 точка 1. од ЗКП односно „ ако постојат други околности што укажуваат на опасност од бегство“, се вели во соопштението на Кривичен суд.

Од МВР потврдуваат дека Јанакиески и Божиновски од утрово се во притвор во затворот во Шуто Оризари.
По бегството на Груевски, вчера министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски изјави дека во притвор треба да бидат ставени обвинетите од случаите на СЈО.

Јанакиески вчера изјави дека најостро го осудува бегството на Никола Груевски и дека нема намера да бега, дека ќе биде во Македонија и ќе дојде во суд на закажаното рочиште за „Титаник“.

-Најостро го осудувам ваквиот чин, бидејќи ќе влијае негативно на судските предмети во целост, а посебно во оние предмети каде сме заедно обвинети – рече Јанакиески.