Македонија Мицотакис му понудил на Заев, Македонија да биде дел од набавката за...

Мицотакис му понудил на Заев, Македонија да биде дел од набавката за Грција на вакцини против ковид-19

Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, на неговиот колега Зоран Заев му понудил Македонија да биде дел од набавката на вакцини, кажа пред малку во изјава министерот за здравство Венко Филипче.

– Имаме понуда која доаѓа од премиерот Мицотакис, кој на нашиот премиер Заев за време на нивната последна средба на Самитот во Солун, покажал добра волја да бидеме дел од нивната набавка на вакцини. Грција, бидејќи е членка на ЕУ има директен договор за набавка – рече Филипче.

Освен тоа, тој информира дека државата има и друга понуда за вакцини од Полска, а се чека и дозволата на фармацевтскиот гигант „Фајзер“.

– „Фајзер“ аплицираше да добие дозвола за пуштање во промет и употреба, во Европската агенција за лекови. Тоа е процедура која трае неколку месеци. Верувам дека по ургентна постапка до Нова година компанијата ќе добие дозвола и дека вакцината ќе биде дистрибуирана. Ние ги очекуваме вакцините преку КОВАКС механизмот. Ние го потпишавме договорот, Владата даде согласност и е обезбеден буџет, така што ги очекуваме вакцините преку овој механизам на почетокот на следната година – информира министерот.