Македонија Мицкоски: Уставните амандмани да бидат ефективни кога Македонија ќе стане земја-членка на...

Мицкоски: Уставните амандмани да бидат ефективни кога Македонија ќе стане земја-членка на ЕУ

„Како одговорна политичка партија и како одговорни политичари, секогаш сме подготвени да разговараме кога станува збор за иднината на нашата татковина, на Македонија“, вели Мицкоски

Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски изјави дека неговата партија е подготвена да го прифати предлогот на власта за уставните измени, но под услов измените да бидат ефективни во Уставот кога Македонија ќе постане членка на ЕУ. Тој истакна дека Европа би требало да го поддржи брзиот напредок на Македонија во преговорите и членството во ЕУ, што ќе овозможи отворање на Уставот и влез на уставните измени во сила.

„Кога станува збор за уставните амандмани ние рековме во ред, не е проблем, еве да речеме да го прифатиме нивното гласање, но да биде ефектот одложен, односно со одложено дејство. Тоа значи дека околностите нема да се променат, нема да имаме промена на Устав, тие амандмани нема да бидат дел од новиот Устав сѐ до моментот додека Македонија не стане земја членка на ЕУ. На тој начин го заштитуваме нашиот идентитет и на тој начин ние кажуваме дека нема да има дополнителни отстапки коишто ќе можат да му наштетат на нашиот идентитет“, рече Мицковски.

Тој додаде дека еден од главните услови на ВМРО-ДПМНЕ што се однесува на евентуалната широка влада беше во истата да не учествува Демократската унија за интеграција (ДУИ).

„Како одговорна политичка партија и како одговорни политичари, секогаш сме подготвени да разговараме кога станува збор за иднината на нашата татковина, на Македонија. Таков беше и разговорот вчера, условно кажано лидерската средба со господинот Ковачевски. Од негова страна беше дадена понудата да отстапи 5 министерства кои што во овој момент ги управува во владата СДСМ и да му ги понуди на ВМРО-ДПМНЕ, а за возврат на тоа ВМРО-ДПМНЕ да даде поддршка на уставните амандмани, да се завршат тие уставни амандмани, да се отпочнат преговорите и потоа така да се оди на избори“, рече Мицковски.

Тој го поздрави потегот на министерот за надворешни рабори, Бујар Османи кој во името на ДУИ прифати да не биде дел од преодната влада до изборите и рече дека не разговарале во детали за тоа кои министерства ќе ги преземе ВМРО-ДПМНЕ во преодната влада.

Во меѓувреме, портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, на прес-конференција истакна дека македонскиот јазик и македонскиот идентитет се целосно заштитени.

„Преговарачката рамка во себе ги содржи сите гаранции, преговорите се одвиваат и ќе продолжат да се одвиваат на официјален македонски јазик, без фусноти и додавки, јазик рамноправен со останатите јазици на ЕУ. Дополнително, една голема европска држава наскоро ќе донесе Резолуција со која се потврдува дека се препознава и признава недвосмислено македонски јазик, идентитет и македонска култура“, рече Кузеска.