Македонија Мицкоски, кој не е поканет на средба со Фон дер Лајен, од...

Мицкоски, кој не е поканет на средба со Фон дер Лајен, од посетата очекува безусловен почеток на преговори

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен утре ќе започне четридневна тура на Западен Балкан со цел да се претстави Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан

Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски изјави дека очекува од посетата на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен таа да излезе со позиција дека Македонија ќе добие безусловен почеток на преговорите со ЕУ.

„Ценам дека на тој начин ќе се оддаде признание и на државата и на граѓаните за сето она што го направија изминатите 23 години, ќе ве потсетам од првиот ден кога беше потпишан Договорот за стабилизација и асоцијација, ќе се оддаде признание и почит кон сите понижувања и омаловажувања кои мораше граѓаните во Македонија да ги издегустираат и македонскиот народ, од промената на националното знаме па се до насилната промена на Уставот и уставното име“, вели преку соопштение претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Притоа, Мицкоски нема закажано средба за време на посетата на Фон дер Лајен. Според агендата, таа треба да се сретне со премиерот Димитар Ковачевски и со претседателот Стево Пендаровски.

Претседателката на Европската комисија ќе ја посети Северна Македонија во текот на следните два дена, како дел од четиридневна турнеја низ земјите на Западен Балкан. Таа ќе има средби со претседателите и премиерите на Косово, Црна Гора и Србија. Целта на овие посети е да се претстави Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан.