Економија МФ: Oпозицијата e против редовните фискални инструменти

МФ: Oпозицијата e против редовните фискални инструменти

И во случај Министерството за финансии да ги откаже сите аукции на државни хартии од вредност до крајот на годината, што би предизвикало нарушување на финансискиот пазар во земјава, опозицијата сигурно би барала друг начин да прикаже дека државата се презадолжува, се вели во реакцијата на Министерство за финансии по повод соопштението на дополнителниот заменик-министер за финансии, Кире Наумов.

Во соопштението се наведува дека „Македонија веројатно е единствена земја во светот каде опозицијата заради дневно-политички поени тргнува против фискални инструменти што секаде во светот се издаваат на редовна основа“.

– Секој може да направи споредба колку државни хартии од вредност се издадени од почетокот на годината и колку средства се вратени во стопанството годинава, тоа се јавно достапни податоци на веб-страницата на Министерството и секој може да увиди дека нето-задолжувањето врз основа на државни хартии од вредност е значително намалено. Аукцијата што денеска не се одржа беше предвидена со календарот за државни хартии од вредност, исто како и други шест аукции кои изминативе месеци беа предвидени, а не се одржаа. Сепак, тие аукции опозицијата не ги спомнува, бидејќи не се вклопуваат во приказната за „презадолжување“ – се вели во реакцијата на Министерство за финансии.