Дописници „Метаморфози“ – нова премиера на битолскиот театар

„Метаморфози“ – нова премиера на битолскиот театар

Битолскиот народен театар е подготвен за премиерата на „Метаморфози“, авторска претстава на режисерката Лилија Абаџиева, која ќе се одигра на 28 и на 29 декември.

Режисерката Абаџиева, која неколкупати поставила свои претстави на сцената на БНТ, овојпат мотивите ги црпи од делата на Платон, на Антон Павлович Чехов, „Дневникот на заводникот“ на Серен Киркегор и од поезијата на Бодлер, Рембо и на Кортасар.

Таа претставата ја темели на неколку моменти, тргнувајќи од мислата дека тешко е да се достигне смислата на нашето постоење.

– Се занимаваме со невозможното, да се избориме со желбите на срцето. Тоа понекогаш го плаќаме и по цена на душата. Овде нè водеше мислата на Спиноза за неможноста на човекот да се справи со сопствената страст, која ја викаме ропство – рече Абаџиева на денешната прес-конференција во Битола.

Сценографијата и костимите за оваа претстава ги изработи Васил Абаџиев, додека музичкото обликување е повторно на режисерката Абаџиева.

Во претставата играат актерите Марјан Ѓорѓиевски, Катерина Аневска, Васко Мавровски, Мартин Мирчевски, Викторија Степановска-Јанкуловска, Никола Пројчевски, Кристина Христова-Николова, Иван Јерчиќ, Филип Мирчевски и Сандра Грибовска.

А.Б.