Македонија Мета: Изборот на Албанец за претседател на Собранието ќе го зајакне соживотот

Мета: Изборот на Албанец за претседател на Собранието ќе го зајакне соживотот

Претседателот на Албанија, Илир Мета, на средбата со претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, истакнал дека го радува фактот што првпат претставник од албанската заедница во Република Македонија е претседател на Собранието и дека извршувањето на оваа висока и важна функција ќе биде само поттик за зајакнување на меѓуетничките односи и за соживотот во Република Македонија, соопштија од Собранието.

Албанскиот претседател, исто така, нагласил дека е потребно во следниот период двете страни тесно да соработуваат во областа на евроинтеграциите и дека постои голема потреба за деблокирање на процесот за евроатлантска интеграција на Македонија.

Собранискиот спикер Џафери истакнал дека како претседател на Собранието ќе придонесува за зајакнување и за интензивирање на односите меѓу двете пријателски земји на сите полиња, а особено во рамките на парламентарната соработка. Џафери, исто така, се заблагодарил за континуираната поддршка од страна на Албанија во врска со посакуваното зачленување на Македонија во НАТО.