Свет Европа Меркел и Оланд во Москва без големи очекувања

Меркел и Оланд во Москва без големи очекувања

Францускиот претседател Франсоа Оланд и германската канцеларка Ангела Меркел пред да отпатуваат за Москва изјавија дека целта на нивната мисија е постигнување глобален договор за ставање крај на насилството во Украина, со тоа што примирјето е само прв чекор. Сепак, Меркел истакна дека не е извесно дали ќе се постигне напредок.

Сите знаат дека првиот чекор мора да биде примирје, но тоа не е доволно. Мораме да постигнеме сеопфатно решение, рече Оланд, кој заедно со Меркел беше на неколкучасовна посета на Украина.

Меркел изјави дека е неизвесно дали ќе биде постигнат напредок во разговорите со рускиот претседател Владимир Путин.

– Целосно е отворено прашањето дали ќе успееме да постигнеме примирје со тие разговори. Не знаеме дали тоа ќе се случи, дали денеска ќе се случи или ќе бидат потребни натамошни преговори. Не знаеме дали денеска во Москва ќе бидат кратки или долги разговори или ќе бидат конечни – изјави Меркел во Берлин, пред да замине за Москва.