Спорт Спорт Македонија Меѓународен шаховски турнир за слепи лица

Меѓународен шаховски турнир за слепи лица

Викендов во Тетово се одржа шеснаесетиот по ред традиционален шаховски турнир за слепи лица, на кој учествуваа натпреварувачи од Македонија и од странство. Се одиграа седум кола по швајцарскиот систем, според правилата на Светската шаховска федерација. Главна цел на турнирот е дружењето на слепите лица.

– Единствената можност за дружење на слепите и на слабовидните лица од Тетово и од Тетовско се екскурзиите и спортските манифестации, како што е и Меѓународниот шаховски турнир за слепи. Но, за жал, здружението располага со многу малку финансии за реализирање на активностите, а помош не доаѓа ниту од општинските власти. Единствена надеж им се донациите од хумани граѓани и фирми – изјави Хамди Џемаили, претседател на на Здружението на слепи лица од Тетово.

За време на одржувањето на шаховскиот турнир, од здружението упатија критики до општинските власти за урбаниот хаос кој е создаден во градот, кој дополнително им го отежнува движењето на слепите лица.

– Дури 200 слепи лица, колку што официјално брои Здружението на слепи лица во Тетово, не се во можност самостојно да се движат низ тетовските улици. За реализирање на каква било обврска во денот, тие се целосно зависни од друго лице. Тетово, како еден од најгусто населените градови во Македонија, им го отежнува нивното секојдневие, поради големиот број неправилно паркирани автомобили на тротоарите. Освен ова, секоја дупка на асфалтот за нив е потенцијална опасност од паѓање и повреди – додаде Џемаил.

Шаховскиот турнир за слепи лица своите почетоци ги бележи уште во 1998 година, кога во организација на Здружението за слепи лица од Тетово се одржаа првите турнири во шах. Следните години турнирот доби меѓународен карактер, со учество на натпреварувачи од странство.