Македонија Меџити: Бит-пазар ќе добие нов модерен изглед

Меџити: Бит-пазар ќе добие нов модерен изглед

Советот на Општина Чаир на денешната седница усвои детален урбанистички нацрт-план со кој се предвидува целосна реконструкција и надградба на Бит-пазар.

– Бит-пазар е еден од најголемите зелени пазари во земјава, каде егзистенција обезбедуваат голем број семејства. Со новиот нацрт-план, откако ќе ги помине сите процедури, ќе се зголеми бројот на тезгите, ќе се направи нов проект кој ќе обезбеди доволен број паркинг-места, со што новиот пазар ќе добие нов модерен изглед. Идејата е во новиот проект да се вклучат сите тезги кои сега се надвор од пазарот, со што ќе се отвори патот кон театарот и кон улицата 192, а ќе растовари и тротоарот до трговскиот центар „Мавровка“. Така ќе се отвори и просторот кон Старата скопска чаршија, со што ќе обезбедиме една нова урбана димензија – вели Изет Меџити, градоначалник на Чаир.

Од Општина Чаир најавуваат дека за овој проект ќе има јавна анкета и јавна презентација, на која сите заинтересирани физички и правни лица ќе можат да достават свои предлози и забелешки, кои потоа ќе ги разгледува стручна комисија и ќе бидат земени предвид во следните фази за развој на овој проект.

Според плановите, изградбата треба да трае една година. За да не се наруши работењето на Бит-пазар, планирано е градежните зафати да се одвиваат етапно.