Економија Маркетите се согласија да ги намалат цените за 10% на над 50...

Маркетите се согласија да ги намалат цените за 10% на над 50 прехранбени производи

Министерот Бектеши појасни дека за минимум 10 отсто ќе се намалат цените на над 50 основни прехранбени производи, од кои 90 отсто се даночат со ДДВ од 5 отсто, а референтна цена ќе им биде цената од еден од претходните месеци

Фото: Мета.мк

Претставниците на осум синџири на маркети во Македонија се согласија од наредната недела да ги намалат цените на над 50 основни прехранбени производи за 10 отсто, информираше денеска министерот за економија Крешник Бектеши.

„Имавме многу конструктивна дебата и заеднички се согласивме дека има простор за намалување на цените. Тоа како општествено одговорни претпријатија го прифатија и синџирите на супермаркети, што значи дека ќе бие усвоена одлуката на Министерството за економија на владината седница во вторник и реализирана во делот на намалување на цените на прехранбените производи во сите синџири на супермаркети“, изјави Бектеши.

Тој по средбата со претставниците на маркетите во земјава додаде дека очекува нивниот пример да го следат и увозниците и производителите на прехранбени производи.

Министерот Бектеши појасни дека за минимум 10 отсто ќе се намалат цените на над 50 основни прехранбени производи, од кои 90 отсто се даночат со ДДВ од 5 отсто, а референтна цена ќе им биде цената од еден од претходните месеци.

Тој најави дека Министерството за економија во моментов работи на дополнителни мерки за дистрибутерите и за производителите на прехранбени производи, кои утре најверојатно ќе бидат свикани на состанок во Министерството. Со тоа, потрошувачите нема да се чувствуваат измамени и нема дополнително да им се зголемат трошоците, рече Бектеши.