Македонија Манчевски: Целта не е од избирачкиот список да се избришат реални гласачи

Манчевски: Целта не е од избирачкиот список да се избришат реални гласачи

Дамјан Манчевски, потпретседател на СДСМ денеска во Јегуновце одговарајќи на новинарско прашање зошто првичната бројка од 300.000 спорни гласачи се намалува на 39.000 рече дека сите бројки на спорни гласачи кои излегоа во Државната изборна комисија, се резултат на анализите на ДИК.

– Она што за нас е важно, е дека прво на списокот за гласање ќе ги има фотографиите на гласачите со што значително ќе се намали можноста за злоупотреба на туѓ идентитет на гласање. Но, она што и бројките го покажуваат е, не се само овие, да не ги забораваме и дополнителните 172.000 гласачи коишто според анализите на бази на податоците не се во моментов во Македонија, што  не наведува до клучниот заклучок, дека во Македонија нема повеќе од 1.500.000 гласачи, она што цело време го тврдиме – рече Манчевски.

Одговарајќи на прашањето која е причината што овие спорни гласачи најчесто се од изборната единица број 6, или Тетово, Гостивар, Манчевски рече дека нивна цел не е да се избриши реален гласач.

– Целта не е да се избрише никој што е реален гласач, и затоа постои оваа можност којашто завршува денес, но ќе има и дополнителна за секој каде што е направена грешка, техничка, ненамерна, административна, да си го регулира своето право на глас. Апсолутно никој од граѓаните не смее да го изгуби правото на глас коешто законски му следи. Но, исто така сите оние граѓани којшто не треба да имаат право на глас согласно законот без разлика од каде се треба да бидат тргнати од избирачкиот список или ставени во избирачкиот список за гласање во странство – одговори Манчевски.