Подглавна секција Макрон го опиша рускиот напад во Украина како „кукавички и бесрамен чин“

Макрон го опиша рускиот напад во Украина како „кукавички и бесрамен чин“

Француското Министерство за надворешни работи соопшти дека двајца француски хуманитарни работници загинале, а тројца се повредени во руски напад во Берислав, на југот на Украина

Фото: © European Union, 2023.

Претседателот на Франција, Емануел Макрон, го оцени рускиот напад во Украина, каде беа убиени двајца француски хуманитарни работници, како „кукавички и бесрамен чин“.

„Чувствувам солидарност со сите волонтери кои се посветени да му помогнат на населението“, напиша Макрон на платформата X.

Француското Министерство за надворешни работи соопшти дека двајца француски хуманитарни работници загинале, а тројца се повредени во руски напад во Берислав, на југот на Украина.

Шефот на француската дипломатија, Стефан Сежурне, го осуди „руското варварство“.

„Русија ќе мора да одговара за своите злосторства“, рече Сежурне, кој не прецизираше на која хуманитарна организација припаѓаат жртвите.

Вчера вечерта, гувернерот на украинската област Херсон, Олександр Прокудин на Телеграм објави за смртта на двајца француски „доброволци“ во рускиот напад и додаде дека тројца странци и еден Украинец се полесно ранети, а украинската полиција најавила истрага за прекршување на закони на војната.

Берислав, кој пред војната имал околу 12.000 жители, се наоѓа на северниот брег на реката Днепар, блиску до линијата на фронтот.