Македонија Македонец и Бугарин осомничени дека затаиле 160.000 евра данок

Македонец и Бугарин осомничени дека затаиле 160.000 евра данок

Финансиската полиција поднела кривични пријави против А.Г. и бугарскиот државјанин Д.В., кои се товарат дека во текот на 2011 и на 2012 година, во својство на сопственици и управители на фирмата „Рефус трејд“, не пријавиле и не уплатиле данок на додадена вредност и персонален данок на доход во вкупен износ од 160.000 евра, соопшти Упрвата за финансиска полиција.

Од Упрвата за финансиска полиција соопштуваат дека „првопријавениот А.Д, во својство на сопственик и управител на Друштвото за трговија и услуги „Рефус трејд“, во периодот од 31 јануари 2011 година до 29 декември 2011 година, и второпријавениот, бугарски државјанин, Д.В., во својство на сопственик и управител на правниот субјект „Рефус трејд“ ДООЕЛ Скопје, во период од 29 декември 2011 година до денес, за работењето на правниот субјект „Рефус трејд“ во текот на 2011 и на 2012 година не пријавиле и не уплатиле данок на додадена вредност и персонален данок на доход во вкупен износ од 160.000 евра“.

Како што информираат од финансиската полиција, македонскиот државјанин бил лишен од слобода, додека бугарскиот бил надвор од земјата и е недостапен за органите на прогонот.