Економија Македонија очекува укинување на бариерите за извоз на лекови во Албанија и...

Македонија очекува укинување на бариерите за извоз на лекови во Албанија и на вино во Србија

По дводневните панел-дискусии во рамки на неделата на ЦЕФТА 2014, на кои се разговараше на теми за зголемување на инвестициите во ЦЕФТА-регионот, за регионалните синџири на вредност, за глобалните и регионалните аспекти на олеснувањето на трговијата во ЦЕФТА, се одржа и форумот на стопански комори од ЦЕФТА-регионот, на кој министерот за економија, Беким Незири, денеска претседаваше со 8. Мешовит комитет.

На овој мешовит комитет, министрите и овластените претставници на потписничките на ЦЕФТА, ја истакнаа важноста за преземање напори посветени на продлабочување на примената на ЦЕФТА-договорот, како солидна правна основа за либерализација на трговијата со стоки и со услуги, олеснување на трговијата и поедноставување на процедурите, елиминирање на нетарифните бариери во трговијата, зголемување на транспарентноста и за зајакнување на регионалната соработка во политиките за инвестиции и за промоција.

Министерот за економија ги предочи и решенијата на одредени бариери кои беа предложени на денешната седница.

– Македонија има бариери за извоз на лекови во Албанија и за извоз на вино во Србија. На седницата донесовме заклучок Република Албанија во наредниот период да ја согледа можноста да направи измена на Законот за здравство, во делот со кој се регулира увозот на лекови, кој предвидува лековите што се увезуваат да бидат регистрирани во земјата во која се произведуваат и во една земја-членка на ЕУ. Побарав од Албанија да се тргне бариерата и лековите од Македонија да може слободно да се увезуваат – рече Незири.

На седницата, меѓу другото, беше договорено и да се формира работна група за електронска размена на информации, комитет за олеснување на трговија и поткомитет за трговија со услуги, како и да се измени одлуката за основање комитет за избор на мандат на персонал на Секретаријатот на ЦЕФТА, да се основа отворен фонд на Комитетот на ЦЕФТА и да се воведе национална програма за експерти.

Наредната година, претседавач на ЦЕФТА ќе биде Молдавија.