Македонија Македонија набавува осум хеликоптери за 230 милиони евра

Македонија набавува осум хеликоптери за 230 милиони евра

Хеликоптерите се за потребите на Армијата, но истите ќе можат да бидат ангажирани и во мисии за пребарување и спасување, евакуација, извидување и гаснење пожари

Фото: Министерство за одбрана

Македонија за 230 милиони евра ќе купи осум повеќенаменски хеликоптери од италијанската фирма „Леонардо хеликоптерс“.

Хеликоптерите се за потребите на Армијата, но истите ќе можат да бидат ангажирани и во мисии за пребарување и спасување, евакуација, извидување, гаснење на пожари. Ќе се исплаќаат во четири рати, а првата во износ од 16% од вкупната набавка, треба да биде исплатена годинава.

Како што информираше денеска министерката за одбрана, Славјанка Петровска се набавуваат четири хеликоптери од типот AW149 и четири AW169M.

„Со набавката на новите хеликоптери ќе дојде до значителна модернизација на воздухопловната компонента и подигање на способностите за извршување на мисии како за потребите на Армијата така и за поддршка и на другите цивилни институции на нашата држава. Инвестирањето во Армијата е инвестирање во иднината на нашата држава и затоа ќе продолжиме со овој интензитет“, истакна Петровска.

Во набавката е вклучен и пакет за логистичка поддршка – опрема која ги исполнува оперативните барања за извршување на специфични мисии, комплет резервни делови и потрошен материјал, специјален алат, испитна опрема за двата хеликоптери, тренажер и изградба на модерен инфраструктурен објект и комплетна обука на летачкиот и техничкиот персонал.

Набавката ќе започне да се реализира по потпишувањето на договорот Влада-со-Влада, меѓу Република Северна Македонија и Република Италија кој ќе биде потпишан деновиве, а хеликоптерите се очекува да пристигнат во периодот од втората половина на 2026 до крајот на 2028 година.