Дописници Македонија e надвор од терористичката мапа

Македонија e надвор од терористичката мапа

Стотина експерти од 13 земји во светот, договараат стратегија за поуспешно справувањето со сајбер-тероризмот, на конференција во Охрид организирана во рамките на Напредната школа за сајбер-безбедност и за сајбер-одбрана на НАТО, а на која домаќин е Воената академија „Генерал Михајло Апостолски“ од Скопје.

Република Македонија не е приоритет на терористичката мапа, сметаат експертите од Македонија, не негирајќи дека и на овие простори постојат неколку веб-страници контролирани од џихадисти.

– Постојат неколку веб-страници на овој простор кои се евидентирани како веб-страници на кои се разменуваат џихадистички пораки, се врши мобилизација и се пренесуваат пораки за радикализација. Постојат и одредени форуми кои се затворени, а на кои се споделуваат искуства, се делат лекции и начини како да се вклучуваат други младинци – вели продеканот на Воената академија „Генерал Михајло Апостолски“, д-р Методи Хаџи-Јанев.

Д-р Стјуард Мекдоналд, професор од Универзитетот „Свонси“ во Соединетите Американски Држави, смета дека светот, ако сака успех, неопходно е заеднички да се бори против злоупотребата на сајбер-просторот од терористите.

– Се бараат техники за пробивање и за следење на веб-страниците и на форумите на џихадистите. Но, многу е важно да разговараме за тоа како да одговориме на овие закани, да ги идентификуваме начините за справување и заеднички да одговориме на овие предизвици. Треба да ги надминеме слабостите со меѓународна соработка – вели Мекдоналд.