Македонија Македонија чекори во место на листата за корупција

Македонија чекори во место на листата за корупција

Македонија е на 64. место од 175 земји на најновата ранг-листа што ја презентираше „Транспаренси интернешнел – Македонија“. Од земјите во регионот, подбри се Словенија на 39. место и Хрватска, која се наоѓа на 61. место. Македонија 64. место го дели со Турција и со Оман. Од другите земји во регионот, Црна Гора се наоѓа на 76. место, Србија на 78. позиција, Босна и Херцеговина е на 80. место, Бугарија на 69. позиција, а Албанија и Косово го делат 110. место.

Слаѓана Тасева, претседател на „Транспаренси интернешнел – Македонија“ вели дека во Македонија е забележан благ напредок во позицијата на ранг-листата за разлика од претходните години.

– Во 2012 сме биле на 69. место, во 2013 на 67. место а сега сме на 64. место. Силно влијание на резултатот оваа година имаа кампањите што Владата ги води за покажување на Македонија како добра бизнис-дестинација иако тоа не се одразува ниту во обезбедувањето добри услуги од страна на јавните служби ниту, пак, се одразува во соодветно обезбедување во владеењето на правото и на правната држава – рече Тасева.

Таа вели дека корупцијата преставува сериозен проблем во земјава и дека резултатот покажува дека постои застој во подобрување на состојбите во оваа сфера.

– Очигледно е дека активностите што ги преземаат властите се недоволни, а институциите се неефикасни во справувањето со корупцијата. Сè уште има сериозни недостатоци во владеењето на правето, што создава недоверба кај граѓаните во судството и во Собранието како институции. Постои очигледна недоволна ангажираност на институциите за преземање мерки за расчистување на сомневањето за корупција, кои се поврзани со носителите на власта и затоа недопирливоста на одговорните за корупција е секојдневие што треба да се искорени – вели Тасева.

Како и минатата година, најмалку корумпирана држава е Данска со 92 индексни поени, потоа следуваат Нов Зеланд, Финска, Шведска, Швајцарија, Норвешка и Сингапур. Овие држави, воедно, имаат највисок животен стандард и се најпосакувани земји за живеење. Државите со најмногу корупција се и земји во кои постои најмалку демократија и најмалку развиена економија. Тоа се Јужен Судан, Авганистан, Судан, Сомалија и Северна Кореја.
Најголем пад е забележан кај Турција, која е пет места пониско рангирана, како и кај Ангола, Кина, Малави и Руанда, кои се поместиле за четири места подолу во ранг-листата. Најголемо подобрување се забележуа кај Брегот на Слоновата Коска, Египет, Сент Винсент и кај Гренадини, кои се за пет места повисоко во својот ранг.

Индексот за перцепција на корупцијате се базира на експретски мислења за корупција во јавниот сектор. Слабата оценка е знак на дека постои поткуп, недостиг од казни за корупција и јавни инстиуции кои не одговараат на потребите на граѓаните.