Дописници Луксузна монографија „Охридска Мадона“ за творечкиот опус на Драган Спасески – Охридски

Луксузна монографија „Охридска Мадона“ за творечкиот опус на Драган Спасески – Охридски

Ликовниот уметник и поет Драган Спасески-Охридски, во неговата галерија „Резонанса“ во Охрид, промовираше луксузна монографија „Охридска Мадона“ која содржи избор од уникатни сликарски дела и поезија создавани во текот на 25-годинишен творечки живот.

Репрезентативното издание на Книгоиздавателството „Матица Македонска“ е авторство на Дејан Ѓориќ, реномиран историчар на уметност од Србија, а како рецензенти се потпишуваат Антонела Петковска и Венко Андоновски.

Драматургот Русомир Богданоски, го прочита промотивниот говор на Зорица Лајпур – Богданоски.

– Метафорично кажано книгата е прекрасно скроен костум за во него да се облече долгогодишното уметничко искуство на авторот, кому тежнеењето кон совршенство му е духовен императив, содржан во неговите слики и поетски творби. Систематизацијата на податоците, како на везуелниот материјал па така и на текстуалните содржини бара посебно претставување на поединечните сегменти кои се имплементирани во самата монографијата – рече Богданоски.

Уметникот и поет Драган Спасески-Охридски, пред присутните нагласи дека уметноста ја добива своја вредност во оној миг кога ќе биде видена, слушната, допрена, вкусена кога ќе се надразнат сетилата и дека добива повисок степен на својата духовност во оној миг кога ќе биде препознаена и кога ќе биде доживеана.