Економија Луксембург е најбогата држава во ЕУ

Луксембург е најбогата држава во ЕУ

Луксембург е најбогатата држава во ЕУ, а следат Германија и Австрија, додека во групата на најсиромашни спаѓаат Романија, Бугарија, Хрватска, Естонија, Летонија и Унгарија, пренесе „Денар.мк“.

Според „Евростат“, највисоко ниво на реална лична потрошувачка по жител има Луксембург, кое е 35 проценти повисоко од просекот во ЕУ.

Германија и Австрија спаѓаат во грпата на земји чија потрошувачка по жител е 20 проценти поголема од просекот во ЕУ.

Италија има просечна потрошувачка по жител, додека Данска, Финска, Шведска, Велика Британија, Холандија, Белгија и Франција со 10-15 проценти го надминуваат просекот на ЕУ.

Ирска, Кипар и Шпанија спаѓаат во земјите чија потрошувачка по жител е десет проценти пониска од просекот, додека Португалија, Грција и Малта – од 10 до 20 проценти под просекот на ЕУ.

Хрватска, Естонија, Летонија и Унгарија имаат куповна моќ за 30-40 проценти помала од просекот на ЕУ, а на самото дно се Романија и Бугарија со 40-50 проценти пониско ниво од просекот на Унијата.