Дописници Локалната власт не се откажува од идејата за пристаниште во Студенчишко блато

Локалната власт не се откажува од идејата за пристаниште во Студенчишко блато

Во функција на плановите за новото пристаниште, неодамна, во посета на Охрид беа претставници на две големи компании од Република Хрватска

Локалната власт во Охрид, и покрај отпорот на поголемиот дел од пошироката јавноста и жестоките критики на стручњаците, не се откажува од идејата за изградба на пристаниште во Студенчишкото блато. Паралелно со замисленото пристаниште, треба да се гради и нова современа плажа, на потегот меѓу Студенчишкиот мост и комплексот „Инекс – Горица“. Сè уште нема детали дали е тоа истиот простор каде сега се наоѓаат трите плажи и кафулиња, дадени под концесија од Министерството за транспорт.
Во функција на плановите за новото пристаниште, неодамна, во посета на Охрид, беа претставници на две големи компании од Република Хрватска, специјализирани за изградба на пристаништа, досега докажани на подигнувањето на неколку вакви објекти на Јадранско Море.
Градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески, и во таа пригода ја истакна потребата од градско пристаниште, потврдувајќи ја цврстата заложба на локалната самоуправа за реализација на ваквиот проект.
– Она што е еден од приоритетите за збогатување на туристичката понуда во Охрид и она што е потреба и на граѓаните и на гостите кои престојуваат во Охрид, а поседуваат пловни објекти, е реализација на проектот за изградба на едно градско пристаниште, рече градоначалникот Никола Бакрачески.

Во Охрид, никој не ја спори потребата, спорна е локацијата. Меѓутоа на Хрватите им беше покажана токму онаа на потегот од каналот „Студенчишта“ до поранешниот хотел „Парк“.

Критички тонови, во однос на оваа иницијатива, по ова или друго прашање што задира во екосистемот на Охридското Езеро, доаѓаат и од некои претставници на самата локална власт. Дејан Паноски, советник во градскиот совет, вели дека значајна германска помош е повлечена поради наше неадекватно однесување.

– Тоа е проектот за ревитализација на остатокот од Студенчишкото блато. Имавме квалитетна идеја, базирана на изработена студија, добиени средства од ГИЗ да го уредиме остатокот од блатото, повторно да го поврземе со езерото и да го вратиме екосистемот во функција и од сето тоа да направиме нова научна и туристичка дестинација. За некого тој простор може да изгледа безвреден, но од еколошки аспект и од аспект на заштита на езерскиот систем е исклучително важен. Институционално требаше само да се одреди површина од четири-пет хектари која ќе биде ставена под заштита и во која ќе се извршеше ревитализацијата. Но, тоа не беше направено навремено и донаторот ги повлече средствата, ги прелоцира. Потребна е многу поголема интеракција помеѓу науката, менаџирањето и политиката во контекст на правилни и навремени одлуки – напоменува Паноски.