Култура Летни археолошки школи и работилници во Стоби

Летни археолошки школи и работилници во Стоби

Во организација на Националната установа „Стоби“, а во соработка со Фондацијата „Балканско наследство“ од Стара Загора, Бугарија, во текот на јуни и на јули на археолошкиот локалитет Стоби се одржуваат четири меѓународни летни работилници и школи.

Овој месец, заклучно со 28 јули, во Стоби се реализираат меѓународната летна школа за археологија и првата работилницата за напредна дигитална фотодокументација на архитектура и на археолошки наоди.

Тринаесет студенти и волонтери, претежно од САД, учествуваат на школата за археологија во чии рамки се вршат ископувања на Теодосијанската палата. Целта на овие истражувања е откривање и документирање на археолошките појави во јужниот дел на палатата.

Годинава првпат се реализира и работилницата за напредна дигитална фотодокументација на архитектура и на археолошки наоди. Во рамките на оваа работилница, која ја предводи проф. д-р Џорџ Беван од Универзитетот во Квинс, Торонто, учествуваат единаесет студенти од САД, Канада и од Австралија.

Организирањето и реализацијата на школите и на работилниците се од особено значење за промоцијата и за презентацијата на богатото културно наследство на археолошкиот локалитет Стоби во светски рамки.