Економија Лешникот стана луксуз: 1.300 денари килограм!

Лешникот стана луксуз: 1.300 денари килограм!

Цената на еден килограм лешници достигна 1.300 денари, што е двојно повеќе од последната просечна цена од 650 денари.

Увозниците велат дека ова поскапување се должи на намалениот род во Турција, земјата од каде најмногу увезуваме, но и на откупот на родот од големите производители на кондиторски производи, како „Нестле“ и „Нутела“.

– Родот на лешници во Турција е намален за 70 проценти,  а 80 проценти од лешникот во Македонија се увезува оттаму. Друг проблем е што големите компании откупуваат 70 проценти од родот уште пред да биде обран, по што остануваат 30 проценти за извоз за другите држави – изјави за „Мета“ дистрибутерот Ердоан Таир, кој ги снабдува со лешниците препродавачите на Буњаковец и на другите пазари.

Се претпоставува дека цената на лешникот нема да се намали до октомври, а како што велат продавачите, овој производ и слабо се троши бидејќи е луксуз.

– Лешникот стана луксуз, 1.300 денари за килограм. За пет килограми давам 6.000 денари и не можам да ги продадам – вели еден од продавачите.

Во Македонија има производство на лешници, но тоа сè уште е мало. Има погодна клима и почва, засадени се површини во Охрид, Валандаво, но треба време за да дадат род.

Најчесто, поновите инвеститори во оваа земјоделска гранка искуствата ги носат од Италија, каде често заминуваат сезонски работници од Македонија.