Македонија Лекарска комора: Да се утврдат причините за смртта на мајката и на...

Лекарска комора: Да се утврдат причините за смртта на мајката и на бебето во Гевгелија

Лекарската комора на Македонија се огласи по повод случајот во кој родилка и бебе починаа на одделението за гинекологија во Општата болница во Гевгелија.

Во соопштението до јавноста, велат дека ќе ги преземат сите потребни мерки за да се утврди што се случувало и во рамките на своите надлежности ќе настојуваат да се утврди и дали има лична одговорност за целата трагедија.

– Како професионална асоцијација, цениме дека е целосно неодговорно и крајно ниско ваква трагедија да се стави во функција на оцрнување на една професија и на целокупниот здравствен систем. Лекарската комора го почитува правото на секој да изнесува свој став или мислење, меѓутоа цени дека работите не смеат да се генерализираат. Комората не бара амнестирање од вината за евентуалното непрофесионално однесување на докторите, меѓутоа цени дека треба да се бара одговорност од тие што неодговорно се однесувале, кои го прекршиле кодексот на медицинската етика и деонтологија, кои ги загрозиле и ги загрозуваат здравјето и животот на пациентите – се вели во соопштението на комората.

За комората е неприфатливо некој да етикетира и да бара колективна вина и за случаи во кои има индиции за поединечна неодговорност и непрофесионалност.

– Како професионална асоцијација, во рамките на нашите законски овластувањa, ќе се заложиме причините за оваа трагедија да се утврдат, а виновниците да бидат санкционирани во согласност со законите – истакнуваат во Лекарската комора.