Македонија ЛДП: Постојат решенија за намалување на загадувањето на воздухот

ЛДП: Постојат решенија за намалување на загадувањето на воздухот

Државни инвестиции во производство на енергија од обновливи извори, итна забрана на увоз на стари возила, стимулација на користење на електрични возила, изградба на подземни сообраќајници во големите градови, се некои од мерките кои Либерално-демократската партија ги предлага за да се намали загадувањето на воздухот.

– Загадувањето на амбиентниот воздух е една од најголемите закани по здравјето на граѓаните. Веќе години наназад Скопје, но и другите градови во Македонија, особено Тетово и Битола, се едни од најзагадените градови во Европа. Енормното загадување на воздухот е причина за големата смртност и на предизвикување на сериозни заболувања во Македонија – истакна потпретседателот на ЛДП, Зоран Шапуриќ на прес -конференција.

Од оваа партија бараат итно прекинување на уништувањето на зеленилото, подигнување на нови зелени површини, строга контрола на градежните работи, бесплатен јавен превоз во големите градови во периоди на енормно загадување, инвестиции во современи уреди за прочистување на воздухот и друго.