Македонија ЛДП: Иванов да се изјасни дали ќе го искористи правото на аболиција

ЛДП: Иванов да се изјасни дали ќе го искористи правото на аболиција

Со вчерашната скандалозна одлука на Уставниот суд, со која се укинува Законот за помилување од 2009 година, судот се стави во директна служба на осомничените високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ, велат од Либерално-демократската партија.

„Експресната одлука, непозната во уставното право и во функционирањето на Уставниот суд, е резултат на независната и професионална работа на Специјалното јавно обвинителство. Следен на ред е формалниот претседател Ѓорге Иванов, чиј легитимитет е еднакво спорен, како и оној на партиите на власт. Сега професорот на Правниот факултет треба да одлучи дали ќе биде директниот и последен соучесник во уривањето на правниот и на уставниот поредок на Македонија или ќе постапи по логиката на правото и на правдата? Тој би требало да биде свесен дека користи право добиено на скандалозен начин од окупиран суд, кој треба да го штити поредокот на државата. Со самото тоа, станува дел од злосторничкото здружение кое ќе ја сноси кривичната одговорност за уривањето на уставниот поредок“, велат од ЛДП.

ЛДП го повикува Иванов јавно да се изјасни дали е подготвен да ги помилува осомничените за најтешките форми на криминал. Доколку не се изјасни јавно за намерите, од ЛДП велат дека ќе побараат поведување постапка за одземање на мандатот во Собранието или организирање референдум за повлекување на Иванов од функцијата претседател.