Свет Европа Лавров и Кери телефонски разговараа за кризата во Украина

Лавров и Кери телефонски разговараа за кризата во Украина

Шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, и државниот секретар на САД, Џон Кери, синоќа телефонски разговараа за ситуацијата во Украина и за текот на преговорите за иранската нуклеарна програма, соопшти портпаролот на Стејт департментот, Џен Саки.

За време на разговорот, Лавров и Кери ја истакнале неопходноста од почитување и од спроведување на договорот од Минск за прекин на огнот во Источна Украина.

Саки соопшти дека Кери ја изразил загриженоста на САД поради новиот развој на настаните во Украина.

Портпаролката на Стејт департментот истакна дека „САД ќе продолжат тесно да соработуваат со Европска Унија и ќе настојуваат да најдат начин да ја натераат Русија да плати дополнителна цена за своето неприфатливо однесување“.
Одговорноста за прекршувањето на спогодбата од Минск, САД ја лоцираат кај проруските сепаратисти и кај Русија.