Македонија Латиновски: Никој нема право да ја поништи одлуката за изградба на крстот

Латиновски: Никој нема право да ја поништи одлуката за изградба на крстот

Градоначалникот на општина Бутел, Петре Латиновски, и денеска ја предводеше колоната граѓани што излегоа на протест пред зградата на Министерството за внатрешни работи и побараа од министерот Оливер Спасовски да ја заштити локацијата каде треба да биде изграден 55-метарскиот крст во општината.

На протестот, кој траеше околу 15 минути, насобраните порачаа дека крстот ќе се изгради без оглед на сè, пренесува порталот „Нова ТВ“.

– Се надевам дека овој глас ќе допре таму каде што треба, верувам во институциите, верувам во институцијата Министерство за внатрешни работи. Досега сите вработени во оваа институција покажале дека се професионалци и знаеле да си ја завршат работата и да ги заштитат граѓаните – ја пренесува порталот изјавата за медиумите на Латиновски.

Градоначалникот на Бутел ги отфрлил шпекулациите дека е донесено решение за повлекување на одлуката за изградбата на крстот и додал дека ниту тој како градоначалник, ниту некој друг има право да ја поништи одлуката.