Македонија Латас: Им се извинувам на сите Турци и ветувам дека навредата нема...

Латас: Им се извинувам на сите Турци и ветувам дека навредата нема да се повтори

Главниот и одговорен уредник на телевизијата „Сител“, Драган Павловиќ – Латас, им се извини на сите Турци затоа што во интервјуто со лидерот на СДСМ, Зоран Заев, му рече дека „лаже како Турчин“.

Павловиќ – Латас рече дека му е жал и дека се извинува на секој Турчин што се почувствувал навреден. Тој вети дека навредата нема да му се повтори.

– Мој гаф, во текот на дневникот употребив израз дека „Заев лаже како Турчин“. Им се извинувам на сите Турци поединечно, како на турската нација, така и на турската држава. Напротив, сметам дека и турскиот народ и турската држава се големи пријатели на Република Македонија, особено во поново време, нивните граѓани се лојални и придонесуваат за сите позитивни процеси во државава и затоа жалам и се извинувам на секој Турчин што се почуствувал навреден и ветувам дека тоа никако не може да се повтори, бидејќи тоа не е ниту мој став, ниту мое убедување, едноставно тоа е мој гаф – рече Латас.

Веднаш по интервјуто, невладината организација „Уфук“ и Партијата за движење на Турците во Македонија (ТХП) побараа Латас да им се извини за навредата и повикаа на бојкот на телевизијата.