Македонија Курц: Македонија да биде тема на состанокот на шефовите на дипломатиите на...

Курц: Македонија да биде тема на состанокот на шефовите на дипломатиите на ЕУ

Австрискиот министер за надворешни работи, Себастијан Курц, изрази загриженост поради најновите ескалации на насилство во Македонија и побара актуелните случувања да бидат тема на наредниот состанок на шефовите на дипломатиите на ЕУ.

Денеска Курц разговарал и со министерот за надворешни работи, Никола Попоски, и апелирал до сите страни да покажат воздржаност, а Владата и опозицијата ги повика на соработка. Според неговите зборови, случувањата треба да бидат сфатени како „повик за будење“, нагласувајќи дека е потребен напредок во решавањето на внатрешно-политичката криза.

Курц се заложува за целосна и транспарентна истрага на случувањата, а од ЕУ побара „јасна европска перспектива“ за Македонија, чијшто процес на интеграции е блокиран поради спорот со Грција околу името.

Ситуацијата во Македонија, треба, како што подвлече Курц, да биде тема на состанокот на шефовите на дипломатијата следната недела.