Економија Кучи – Ел Шинави: Зголемување на соработката во туризмот, енергетиката и во...

Кучи – Ел Шинави: Зголемување на соработката во туризмот, енергетиката и во трговијата

Министерот за економија, Дритон Кучи, денеска прими делегација од Арапската Република Египет, предводена од амбасадорката на таа земја, Манал Џеина ел Шинави.

На средбата министерот Кучи и амбасадорката Ел Шинави разговарале за можностите за соработка меѓу двете држави во сферата на туризмот, енергетиката, трговијата и на минералните суровини.

Министерот Кучи ја информирал египетската делегација за туристичките потенцијали на нашата земја, за одличните услови што Македонија ги нуди за странските инвеститори, за енергетските проекти во кои би можеле да се приклучат и египетски компании.

Амбасадорката Ел Шинави истакна дека Македонија во Египет е позната како прекрасна земја со многу убави места за туристички посети. На состанокот станало збор за можноста за поврзување на двете земји со чартер-летови, што би придонело за зголемување на бројот на туристи во двете земји.

Двајцата соговорници се согласија дека треба да се организираат што повеќе директни средби меѓу компаниите и туристичките оператори, а во двете земји да се промовираат туристичките капацитети.