Македонија Кривичниот суд им одреди 30 дена притвор на петтемина осомничени во „Мрежа“

Кривичниот суд им одреди 30 дена притвор на петтемина осомничени во „Мрежа“

На барање на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, Основниот суд Скопје 1 им одредил 30 дена притвор на петтемина осомничени кои во петокот минатата недела беа уапсени во полициска акција поради трговија со дрога – кокаин.

„Постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција во Основниот суд Скопје 1, пред судија на претходна постапка беа изведени пет лица осомничени за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори од член 215, став 3, во врска со став 1 од Кривичниот законик, кои во присуство на јавен обвинител и на нивниот правен застапник се произнесоа во врска со предлогот на обвинителството. По ценење на фактите и на доказите приложени во предлогот и во сослушување на осомничените, судија на претходна постапка донесе решенија со кои го прифати предлогот на обвинителството“, стои во соопштението од Кривичниот суд.

Како што информираат оттаму, на осомничените С.Р., М.З., З.С., М.М. и Д.М. им е одреден притвор од 30 дена поради постоење опасност од бегство, попречување на истрагата и страв да не го повторат кривичното дело.

Против решенијата на судија на претходна постапка, осомничените имаат право на жалба.

Инаку, првоосомничениот во случајот е брат на поранешен пратеник и функционер на СДСМ.