Македонија Крај за сините картони – се бара решение за електронските здравствени картички

Крај за сините картони – се бара решение за електронските здравствени картички

Сини картони од денеска нема да се користат при одење на лекар, соопшти министерот за здравство, Арбен Таравари на прес-конференција.

Тој истакна дека електронската здравствена картичка (ЕЗК) која се користи од 2012 година и има важност од пет години, ретко се применува. За решавањето на овој проблем, Таравари рече имал средби со двајцата директори на Фондот за здравствено осигурување, со претставници на „Мој термин“, како и со претставници на приватните лекари. На состанокот се согласиле дека сините картони нема да бидат потребни, бидејќи лекарите можат во секој момент да го проверат статусот на осигурување на пациентот.

– Сини картони нема да бидат потребни, лекарите можат да го проверат статусот на осигурување на лице место и ако се во зелено, значи сè в ред, ако е црвено, значи не се осигурени – рече Таравари.

Од денеска пациентите наместо сини картони, ќе треба да носат само лична карта и електронската картичка. Таравари рече дека работат на изнаоѓање трајно решение за проблемот и дека треба да се истражи зошто електронските картички се нарачани со чип кој има рок на траење од пет години.

– Зошто направиле така, треба да се истражи. Бараме нов начин, можеби со картички кои ќе важат 10 или 20 години. Не е јасно и зошто воопшто се пуштени во оптек сините картони – рече Таравари.