Хроника Kраделе риби и им се заканувале на рибочуварите

Kраделе риби и им се заканувале на рибочуварите

Двајца охриѓани ем краделе риби ем им се заканувале на рибочуварите. Против 31-годишниот Е.З. и 27-годишниот Е.З., СВР од Охрид поднесе кривична пријава поради незаконски риболов. За првопријавениот Е.З. постои сомневање и дека сторил казнено дело загрозување на сигурноста.

Пријавените, во водите на Охридското Езеро, кај местото Грашница, поставиле риболовна мрежа „крапарка“ во должина од 80 метри за незаконски да ловат риба. Тоа го направиле иако знаеле дека во тој период, поради мрест, забранет е секаков вид риболов.

Мрежата била забележана од рибочуварите на концесионерот на Охридското Езеро, по што, согласно Законот за рибарство и аквакултура, биле преземени мерки за отстранување на мрежата.

„Забележувајќи го тоа, пријавените со чамец се упатиле кон пловилото на двајцата овластени службени лица. Притоа, првопријавениот Е.З. на двајцата рибочувари им упатил сериозни закани дека ќе ги нападне, ќе им ги запали возилата и ќе им наштети на нивните деца. Веднаш потоа почнал да фрла со камења со што на двајцата рибочувари, сакајќи да ги заплаши, им ја загрозил сигурноста при вршење на службата“, информираат од СВР Охрид и додаваат дека двајцата пријавени се познати сторители на незаконски риболов, за што повеќепати се казнувани со затворски и со парични казни.