Македонија Ковачевски: Две години по членството во НАТО се потврдува исправноста и визионерството...

Ковачевски: Две години по членството во НАТО се потврдува исправноста и визионерството на таа одлука

Фото: Фејсбук профил на премиерот Димитар Ковачевски

Пред точно две години остваривме една од нашите стратешки цели поставени уште од осамостојувањето на државата – полноправно членство во НАТО, напиша денес премиерот Димитар Ковачевски на својот фејсбук профил.

Според Ковачевски, да се биде дел од НАТО значи исполнување на сите цивилизациски стандарди.

„Две години подоцна, во екот на најголемата воена и економска криза по Втората светска војна, ја согледуваме исправноста на оваа одлука. Во овие неизвесни времиња, кога целиот свет се грижи иднината и безбедноста, Северна Македонија е дел од најмоќниот воено политички сојуз кој го гарантира нашиот територијателен интегритет и сигурност“, објави Ковачевски.

Членството во Алијансата, како што наведува, е многу повеќе од гарантирана безбедност и заштита на нашите граѓани.

„Да се биде дел од НАТО значи исполнување на сите стандарди на цивилизираниот свет како заштита на човековите права, солидарност меѓу народите и унапредување на демократијата. Како членка на НАТО ќе продолжиме активно да учествуваме во сите активности на Алијансата и да го градиме сојузништвото со нашите партнери. Оваа определба значи долгорочен развој за нашата земја и сигурна иднина за нашите деца“, наведува Ковачевски.

Денес, додава премиерот, се потсетуваме дека одлуките кои владата на СДСМ ги донесе беа, како што напиша, визионерски и во најдобар интерес на граѓаните.

„Со храбри и одлучни чекори продолжуваме понатаму зашто политката е лидерство и одговорност за иднината на сопствените граѓани“, пишува Ковачевски.

По повод две години членство во НАТО денеска фејбсук објави напишаа и министерката за одбрана Славјанка Петровска и министерот за надворешни работи Бујар Османи.