Дописници Кошиштани им го зедоа и бурето на Варошани!

Кошиштани им го зедоа и бурето на Варошани!

Климент Довлев, 20-годишниот студент од охридската населбата Кошишта, годинава прв доплива и го фати бурето со црвено вино што традиционално се фрла во водите на езерото на 20 јанури, во рамките на манифестацијата „Ден на рибарите“.

– По бурето скокам четири години, а за богојавленските празници се капам од мојата четврта година. Виното ќе го испиеме со блиските – рече среќниот фаќач.

Довлев, на подарок од здружението „Богојавление“, доби реплика од крстот што се фрла во осветените езерски води и други пригодни подароци.

Народната веселба беше збогатена со настап на фолклорни музички состави од Охрид, а присутните ги поздрави градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески, кој на православните верници им посака здравје и среќа.

Традиционално и оваа година, по повод денот на рибарите, средното угостителско училиште од Охрид „Ванчо Питошески“ подготви рибна чорба, која оваа година ја спонзорираше хотел-ресторанот „Тино“.