Македонија Кордон полиција го штитеше Талески од нова акција на битолските „герилци“

Кордон полиција го штитеше Талески од нова акција на битолските „герилци“

„Дојде денот Талески, врати ги парите“ , „Оставка“ и „ Нема правда нема мир – робија за Владимир“, со вакви скандирања повеќе од илјада битолчани денеска го поздравија градоначланикот Владимир Талески пред Центарот за култура во Битола, откако граѓаните добија информација дека тој е на Фестивалот на монодрамата да гледа претстава. Кордон полиција застана пред зградата и не им дозволи на демонстрантите од „Шарената револуција“ да ја прекинат претставата.

– Немаме намера да му наштетиме на фестивалот, туку сакаме да му испратиме порака на Талески дека каде е тој, таму сме и ние сè додека не си замине од функцијата – рече битолчанец кој беше во првите редови на протестот.

Меѓу битолчани се пренесе информацијата дека герила-активистите му подготвуваат ново изненадување на Талески, откако минатата недела тие на прес-конференција го посипаа со лажни банкноти од 360.000 евра.

За утре во 10 часот е најавен собир пред Основиот суд во Битола, како поддршка за судењето на членот на Левица, Здравко Савески, кој по потекло е битолчанец.