Главна секција Контраспин: Укинувањето на балансерот никако не може да биде тежок удар врз...

Контраспин: Укинувањето на балансерот никако не може да биде тежок удар врз Уставот

Смешно е да се спинува и дека одлуката била на Владата која била моноетничка, само затоа што ДУИ не е во владејачката коалиција, пишува Вистиномер

Фото: Принтскрин видео од пресот на Адеми

Правната одлука за т.н. балансер, во насока на усогласеност на правните акти на државата со Уставот, може да биде само поттик на принципот на еднаквост во мултиетничко општество, бидејќи ќе се усоврши механизмот за обезбедување правична застапеност на сите граѓани во јавната администрација. Освен ова, смешно е да се спинува и дека одлуката била на Владата која била моноетничка, само затоа што ДУИ не е во владејачката коалиција, пишува Вистиномер.

Текстот го пренесуваме интегрално:

 

Арбер Адеми пратеник на ДУИ и портпарол на партијата на вечерна прес-конференција пред Уставниот суд даде изјава во врска со одлуката на Судот за укинување на механизмот наречен  балансер во јавната администрација, при што може да се детектираат два спина:

Спин: Оваа одлука е тежок удар врз Уставот, врз Охридскиот мировен договор и врз мултиетничката стабилност на нашата држава, бидејќи институциите досега го отсликуваа нашиот заеднички реалитет и тоа беше темел на соживотот и комуникацијата меѓу заедниците…

…Јас мислам дека оваа Влада, моноетничка, без етнички легитимитет настојува да произведува тензии, инсистира да се креираат тензии. А ние не го сакаме тоа. Ние сакаме уставните начела и уставниот поредок, правниот поредок на оваа држава доследно да се почитува. Значи оваа одлука навистина е смешна и е во насока на реализација на одредена политичка агенда која сака да креира тензии, а такви тензии не ни требаат…

[Извор:360 Степени – А.Адеми/изјава;датум – 09.10.2024]

 

КонтраспинДвата спина што ги искажа Адеми во изјавата пред Уставен суд се очигледен манипулативен обид, правна одлука да се толкува како кршење наместо почитување на Уставот и сето тоа да се спакува во целофан како смислен план на „моноетничка влада“ за создавање тензии во општеството што ја нарушуваат мултиетничноста и почитувањето на принципот на еднаквост.

Станува збор за остра реакција на опозициската партија ДУИ, која заедно со ВМРО-ДПМНЕ како владејачка коалиција во 2016 година го воспоставија механизмот за вработување во јавната администрација наречен балансер, а кој Уставниот суд со одлука која нема ретроактивно дејство вчера го укина тој механизам и сите правни акти или делови од тие акти поврзани со него.

За да се разбере подобро првиот спин на Адеми (на ДУИ), дека со ваквата одлука се нанесува тежок удар на Уставот и на Охридскиот рамковен договор, чија најголема придобивка е почитување на правичната застапеност и таа е вградена во Уставот, треба да се погледне образложението од Уставен суд за неговата одлука.

 

Зрела демократија

Претседателот на Судот Дарко Костадиновски потцрта дека балансерот бил операционализација на уставната норма за правична застапеност и дека како форма на позитивна дискриминација бил воведен во даден момент за да се забрза изедначувањето во застапеноста. (Патем од бројките за вработени во јавниот сектор што ги објавува секоја година надлежното министерство во Регистарот на вработени во јавниот сектор, бројот на вработени од малцинските заедници е соодветно зголемен иако не кај сите. Но, кај Албанците, во 2007 тој број бил 10,8 проценти, а во 2022 г. 21,6 проценти, пишува „Рацин“).

Но како мерка на позитивна дискриминација, образложи Костадиновски, таа ем треба да биде времена мерка, ем не треба да ги нарушува другите права од Уставот. Од Уставен суд појаснуваат дека станува збор судир со другите темелни права какви што се „слободно изразување на националната припадност, владеењето на правото, еднаквоста на граѓаните, уставната гаранција според која секому под еднакви услови му е достапно секое работно место, како и почитувањето и заштитата на приватноста, достоинството и угледот на секој граѓанин“.

Претседател на Уставен суд, д-р Дарко Костадиновски. Фото: Уставен суд/веб

Впрочем претседателот на Уставен суд кој беше и известител за предметот, изјави дека одредбата во Уставот останува, а законодавецот треба да смисли нов механизам којшто ќе биде во согласност со Уставот за да може државата да се оцени како зрела демократија:

Преминот во зрела демократија, подразбира реална, а не лажна посветеност кон владеењето на правото, висока политичка и уставно правна култура, почитување на Уставотрече Костадиновски.

 

ДУИ се согласил дека балансерот треба да се отстрани

Одлуката на Уставен е донесена по претставка од поранешниот состав на Државната комисија за спречување на корупција, но и откако повеќе граѓански и политички субјект во општеството, како и Европската Унија во своите оценски извештаи констатираа дека балансерот почнал да ја губи својата улога и згора на сè се злоупотребува и од партиите и од кандидатите.

Тоа е констатирано и во Стратегијата за реформа на јавната администрација која е донесена во 2023 и е важечки документ, на кој во медиумите потсети и уставната судијка Ана Павлоска Данева. И навистина, во Стратегијата, како посебна цел за унапредување на јавната администрација е запишана деполитизацијата, при што се наведува:

Начелото на еднаков пристап до секое работно место, начелото на стручност и компетентност и начелото на родова еднаквост треба да се примарни и единствено применети во целиот процес на селекција, вработување и унапредување на сите нивоа во јавната администрација, додека во фазата пред донесување на одлуката за избор, секако треба да се води сметка и за начелото на соодветна и правична застапеност на припадниците на заедниците. На овој начин, од една страна се надминува потребата од примена на алатката наречена „балансер“, која во пракса предизвикува бројни злоупотреби, а од друга страна останува примената на начелото на соодветна и правична застапеност на припадниците на заедниците (Стратегија за реформи на ЈА, стр.47).

Овој документ, да потсетиме бил донесен и со согласност на ДУИ, коалиционен партнер на СДСМ во Владата од 2023 година. Дотолку повеќе е јасен спинот на ДУИ и на Арбер Адеми, бидејќи одлуката на Уставен е всушност одлука за усогласување на законите и другите правни акти со Уставните одредби, но и потреба што произлегла од реалноста и тоа во цитираната Стратегија е јасно наведено, а тој документ, како документ на Владата од 2023 г. е и државен документ, но и документ на ДУИ бидејќи тогаш биле влада и го одобриле.

 

До кога Албанците на ДУИ ќе бидат повредни од Албанците на ВЛЕН?

Вториот спин е всушност поврзан со тврдењето дека оваа одлука на Уставен е одлука поттикната од Владата на РСМ, која според ДУИ е „моноетничка влада“ што сака да поттикнува тензии.

Дека одлуката е на Уставен суд, а не на Влада, нема потреба да се појаснува дури ни како алузија, бидејќи партиите од оваа коалициска влада имаат декларирано намери да го укинат и модернизираат механизмот балансер. Но, иницијативата до Уставен, како што е напишано погоре, не беше на партиите од сегашната Влада. Одлуката е донесена по иницијатива на ДКСК од јануари 2024 година, која оценила дека балансерот овозможува корупција и трговија со влијание при вработувањето во јавниот сектор.

Оттука е јасен и овој спин на ДУИ, во кој многу поопасен и поманипулативен е делот каде што стои оценката дека владата била моноетничка. Всушност станува збор за стар наратив од ДУИ, уште од моментот кога беа објавени резултатите од изборите. Но, како што и тогаш во таа изјава на Османи што беше предмет на оценка на „Вистиномер“ е напишано, не е јасно од каде ДУИ го влече правото да оценува дека Албанците на ДУИ се полегитимни претставници од Албанците на ВЛЕН. Или уште попрецизно, „зошто преку 107 – те илјади гласачи на коалицијата ВЛЕН би биле помалку вредни од преку 137-те илјади гласачи на коалицијата предводена од ДУИ“?

Оттука, двете изјави на Адеми од синоќешниот прес пред Уставен суд, а поврзани со укинувањето на балансерот, можат да се оценат како спин.

 

Пишува: Теофил Блажевски