Економија Компаниите бараат поефикасен начин за наплата на долговите од државните институции

Компаниите бараат поефикасен начин за наплата на долговите од државните институции

Брза наплата на побарувањата на компаниите од единиците на локалната самоуправа, јавните претпријатија и државните инстиутуции, побараа денеска од Стопанската комора на Македонија.

Стопанствениците бараат измена на членот 211 од Законот за извршување, во насока на поефикасно исполнување на обврските од должничко-доверителските односи.

Со сегашното законско решение, и покрај тоа што фирмите имаат правосилна пресуда за наплата на долговите, судот има право да стави забрана за одредени средства кај должниците да не бидат одземени. Тоа овозможува, и покрај тоа што единиците на локалните самоуправи, јавните претпријатија и државните институции имаат пари на сметка, истите не можат да им бидат исплатени на фирмите на кои им должат.

– Се овозможува судот да стави забрана за повлекување на средствата на должникот со образложение дека се „неопходни“, со што се спречува нивно префрлување на доверителот, односно намирување на долгот. Компаниите, од една страна, се должни да ги сервисираат сите свои долгови, а од друга, иако имаат законска можност, не можат да си ги наплатат побарувањата – изјави оперативниот директор на Стопанска комора, Елена Милевска-Штрбевска.

Како што велат, брзата наплата на побарувањата е во интерес на доброто работење и подобра ликвидност на фирмите.