Македонија Колективен имунитет би постигнале кон крајот на летото, оценува Филипче

Колективен имунитет би постигнале кон крајот на летото, оценува Филипче

Фото: Принтскрин

Министерот за здравство Венко Филипче очекува колективен имунитет да постигнеме до крајот на летото.

Тој вели дека со пристигнувањето на поголемата количина на вакцини од 500.000 дози од „Синовак“, и 100.000 „Фајзер“ се очекува вакцинирање од 15.000 до 20.000 граѓани на ден.

„Веќе е направен планот како ќе се одвива вакцинацијата дневно, согласно бројот на пријавени граѓани. Апелирам да се пријават, бидејќи тоа е најлесниот начин да се дојде до вакцина,“ вели Филипче.

Тој оцени дека процесот на вакцинација почнал добро, сега е забавен, но од другата недела очекува забрзување, со што до крајот на летото, би се постигнала некоја бројка од 50 проценти вакцинирани од вкупната предвидена популација.

На средбата со кинескиот амбасадор Џанг Ѕуо, тој го информирал дека во Кина имало силна интензивна кампања за процесот на вакцинација, имало појава на заболени со индиската мутација на ковид-19, но биле со лесна клиничка слика.

Филипче рече и дека и нашата држава ќе спроведе кампања, а ќе се одвива и теренска вакцинација.

Во третиот и четвртиот квартал најави тој, се очекуваат по 350.000 вакцини на „Фајзер“ преку Ковакс системот.

Филипче вели дека околу 400.000 граѓани ќе бидат вакцинирани со двете кинески вакцини, што е сериозна бројка и значајно за постигнување на колетивен имунитет.

На новинарско прашање во врска со предлогот на опозицијата, граѓаните кои се вакцинираа во Србија да добијат одредено обесштетување, Филипче рече ќе се разгледа истиот.

Министерот за здравство се заблагодари на помошта од Кина која за време на ковид-пандемијата беше во опрема и вакцини.