Здравје Коксаки вируси кај децата ги полнат ординациите, ковид случаите се намалени

Коксаки вируси кај децата ги полнат ординациите, ковид случаите се намалени

Фото: Semevent from Pixabay

Во овој период од годината кога се случува преод и има разлики во температурата на воздухот, вообичаено се појавуваат настинки и вирози кои ги напаѓаат подеднакво и децата и возрасните. Во некои од ординациите на педијатрите и на семејните лекари со кои контактиравме, велат дека доаѓаат пациенти кои имаат симптоми како кашлица, малаксаност, покачена телесна температура, болки во телото, а крвната анализа покажува и ниски леукоцити и покачено ЦРП.

– Периодов има многу болни деца. Во мојата ординација се прават од 70 до 100 прегледи на ден. Има секаква патологија, а најчести се вируси од типот на коксаки и стомачни вируси. Дури и бројот на ковид пациенти е намален, последниве неколку дена сите што беа тестирани тестирани беа негативни. Се работи за вирусни инфекции кои се актуелни во овој период од годината. Не залади како што треба, немаме снег, ова е период на преод кога децата и возрасните се изложени на настинки. Симптомите се течење од нос, кивање, малаксаност. Ако не се третира може да премине вирусна пневмонија – вели д-р Весна Стојанова Атанасовска, доктор по општа и семејна медицина.

Во нејзината ординација, како што вели, периодов речиси секое трето дете е со коксаки вирус.

– Порано биле опасни коксаки вирусите, заболените лежеле во болница. Но сега организмот се бори имунолошки, а се даваат и витамини и течности. Се манифестира со осип на телото и во устата, пропратен со јадеж. Најчесто се појавува кај дечиња кои одат во градинка, а потоа дома го пренесуваат вирусот во целото семејство. Кај возрасните најчесто се манифестира со симптоми на настинка – појаснува д-р Стојанова Атанасовска.

Коксаки вирусите, кои ги има како тип А и тип Б, се пренесуваат преку фекално-орален пат. Затоа и се нарекува „болест на нечисти раце“. Вирусите се излачуваат преку столица и се внесуваат орално (преку уста), односно преку нечисти раце кои не се добро измиени при случаен допир на фецес или столица во која ги има. Преносот се случува при чистење детски нокшири, менување пелени или при чистење тоалетни школки.

За да се заштитат децата но и возрасните од коксаки, мора да внимаваат на хигиената. Дополнително е потребно и да се прави дезинфекција на контаминирани предмети и површини.