Македонија Ќе се заштитуваат старите сорти јаболка, слива и круша на Осогово

Ќе се заштитуваат старите сорти јаболка, слива и круша на Осогово

Процесот на иселување не го одминува и овој крај, па и поголем дел од селата на Осогово се испразнети. Екологистите велат дека овошките се оставени без грижа

Фото: МЕД

Македонското еколошко друштво (МЕД), заедно со јавното претпријатие за заштита на Осогово, започна проект за зачувување на старите овошни сорти во овој крај. Во соработка со професорот по овоштарство д-р Тошо Арсов, започната е инвентаризација и картирање на старите овошни дрвја и дефинирање на мерки за нивно зачувување и ревитализација.

Досега картирани се повеќе од 20 стари сорти на овошки во селата Нивичани, Пантелеј, Рајчани, Јастребник и Полаки. Маркирани се стебла од јаболка, круши и сливи, а како што соопштуваат од МЕД, тие ќе бидат предмет на заштита и ресурс за понатамошни мерки за ревитализација.

„Старите сорти од круши, јаболка и сливи се само дел од богатата агробиолошка разновидност на Осогово. Луѓето низ вековите ги користеле своите знаења и креативност да создадат поотпорни овошки со богат род, со повкусни и по хранливи плодови, со цел да си обезбедат подобра храна за себе, но индиректно и храна и дом за голем број птици, глодари, инсекти и други животни“, велат од МЕД.

Процесот на иселување не го одминува и овој крај, па и поголем дел од селата на Осогово се испразнети. Екологистите велат дека овошките се оставени без грижа, а во последниот период се случува и нивна сеча заради користење за огрев.

„Сѐ повидлива е загубата на ова наше вредно агробиолошко наследство. Изминатиот месец направивме средби и разговори и со локалните жители кои сѐ уште ги негуваат и одржуваат старите сорти, имаат традиционални познавања за калемење и умножување на овошки, со цел и тие да се вклучат во идните акции за ревитализација“, посочуваат од МЕД.